Новите визни ограничувања за Талибанците се пречка за односите меѓу Авганистан и САД, оцени денеска авганистанската влада, во која доминира исламистичкото движење кое минатата година ја презеде власта во Кабул.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека неговата земја „го ограничува издавањето визи на сегашните и поранешните членови на талибанското движење и на други за кои се верува дека се одговорни или се соучесници во репресијата на жените и девојките во Авганистан на некој начин“. Ограничувањата беа објавени по повод десетгодишнината од востановувањето на Меѓународниот ден на девојчињата.
Оваа одлука е „пречка за развојот на односите меѓу двете земји“, рече портпаролот на авганистанското Министерство за надворешни работи Абдул Кахар Балхи во соопштението.
„Мерката беше објавена во услови на тековни состаноци на високи претставници на двете земји, кои се одржаа оваа недела во Доха, на кои се разговараше за сите важни прашања“, рече Балхи.
„САД требаше да преземат позитивни мерки во услови на неодамнешните дискусии во Доха за да покажат во пракса дека сакаат конструктивни односи со Исламскиот емират. Ваквите одлуки може да имаат негативно влијание врз билатералните односи“, се наведува во соопштението на портпаролот на авганистанското Министерство за надворешни работи.