Пратениците во словенечкото Собрание ноќеска со мнозинство гласови го одбија барањето на опозициските партии за разрешување на министерката за надворешни работи Тања Фајон.
По целодневна дискусија, 22 пратеници гласаа за смена на Фајон, а 52 беа против, а за опозициската интерпелацијата да успее мораше да добие поддршка од 46 пратеници.
Опозициските партии ја обвинија Фајон дека ја злоупотребила службената положба и ја користела дипломатско-конзуларната мрежа за поддршка на кандидатката за претседател на Словенија, Наташа Пирц Мусар.
Пред седницата на парламентот Фајон ги отфрли сите обвиненија.
-Денеска сум овде поради фактот што го почитував законот и постапив како што бев должна да постапам. Знам дека сите обвинувања во интерпелацијата се целосно неосновани, па можеби дури и апсурдни, рече Фајон.
Пирц Мусар и Анже Логар ќе бидат ривали во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 13 ноември. Анкетите покажуваат дека Логар, министерот за надворешни работи во владата на Јанез Јанша, има поддршка од 44,6 отсто од гласачите, додека Пирц Мусар има поддршка од 51,7 отсто.