Најмалку 32 лица загинаа по терористички напад во западноафриканската држава Буркина Фасо, јави ДПА.
Четворица цивили и 28 жандарми беа убиени во вчерашниот напад врз пункт на жандармерија во северната провинција Соум, соопшти денеска владата во Уагадугу.
Десетици жандарми се водат за исчезнати по нападот врз селото Ината, изјави портпарол на армијата.
Од вторник до четврток во земјата е прогласена национална жалост.
Поранешната француска колонија со своите 21 милион жители се наоѓа во Сахел – област која се протега јужно од Сахара од Атлантикот до Црвеното Море. Во овој регион се активни вооружени групи, од кои некои се заколнаа на верност на Исламската држава или Ал Каеда.
Буркина Фасо долго време беше поштедена од напади, но нивниот број значително се зголемува од 2015 година, пренесува ДПА.
Според Обединетите нации, над 1,2 милиона лица во моментов се водат за внатрешно раселени лица. Многу милиции оперираат преку границата, во Мали и другите држави од Сахел. (МИА)