Тимот на Светската здравствена организација (СЗО) денес го посети истражувачкиот центар во кинескиот град Вухан, околу кој се шпекулира за потеклото на коронавирусот.
Посетата на Институтот за вирусологија во Вухан е важен чекор во мисијата на тимот да собере податоци и да истражи докази како се појавил и проширил коронавирусот.
Институтот е меѓу водечките истражувачки лаборатории во Кина за вирусологија и има архива на генетски информации за коронавирусите по епидемијата на тешкиот акутен респираторен синдром – САРС во 2003 година. Тоа доведе до недокажани обвинувања дека Институтот можеби е поврзан со првичното избивање на епидемијата на Ковид-19 во Вухан кон крајот на 2019 година.
Кина категорично ја отфрла таквата можност и смета дека потеклото на вирусот може да биде на друго место или да е увезено од странство преку контаминирана замрзната морска храна, што, пак, генерално го одбиваат меѓународните научници и агенции.