Три лица загинаа, а 172 се повредени во торнадо што го зафати главниот град на Куба, Хавана, објави на Твитер кубанскиот претседател Мигел Дијаз Канел Бермудес.
Тој објави и фотографија од средба со спасувачките тимови.
– Ги пребаруваме местата погодени од бурата, штетата е голема – напиша Бермудес на Твитер.
По торнадото, што ја зафати Хавана синоќа околу 21 часот по локално време, голем број домаќинства останаа без струја, а куќите покрај брегот се поплавени.
Жителите се предупредени да останат во своите домови.
Според снимките емитувани од медиумите, уништена е инфраструктурата, има голем број паднати дрвја и превртени автомобили.
Евакуирана е болницата која претрпе значителна штета, а спасувачите ги пребаруваат урнатините во потрага по евентуални жртви.
Како што објавија локалните медиуми, торнадото е редок временски феномен на Куба, која во овој дел од годината има силни бури кои доаѓаат од Атлантикот.
По Куба, торнадото продолжи да се движи кон Флорида.