Народниот фронт за ослободување на Тиграј (ТПЛФ), кој приближно две години војува со Владата на Етиопија, соопшти дека е подготвен на прекин на огнот и би прифатил мировен договор под патронат на Африканска Унија (АУ).
Подготвени сме веднаш да се придржуваме до заемно договорениот прекин на непријателствата, соопшти ТПЛФ, додавајќи дека веќе формирале тим преговарачи.
Во јуни, владата на Етиопија ја повика АУ да помогне во започнувањето на мировните преговори. Федералните власти претходно изјавија дека сакаат да преговараат без предуслови.
ТПЛФ е во војна со централната етиопска Влада од ноември 2020 година. Бунтовниците го обвинуваат премиерот Аби Ахмед за централизирање на власта на сметка на регионите во Етиопија. (МИА)