Тројца припадници на грчката армија и двајца преведувачи го загубија животот во сообраќајната несреќа во Либија, што се случи од засега непознати причини и под неразјаснети околности, кога возило удрило во автобусот на грчката хуманитарна мисија додека од аеродромот во Бенгази се упатувале кон градот Дарна, јави дописничката на МИА од Атина.
Телата на загинатите со авион на военото воздухопловство се враќаат во Атина, додека пак во сообраќајната несреќа веројатно има и повредени припадници на грчката армија, меѓутоа официјално не постојат информации.
Министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас изрази длабока тага за смртта на тројцата припадници на армијата, како и за загубата на животите на двајцата цивили кои беа дел од истата мисија и соопшти дека со негова одлука, прогласена е тридневна жалост во армијата.
-Нашите мисли во овој момент се со семејствата на жртвите во несреќата, на кои им изразуваме најискрено сочувство, како и на повредените, на кои им посакуваме брзо закрепнување, рече Дендиас. (МИА)