сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Трамп и Јункер се договорија за надминување на трговскиот конфликт меѓу САД и ЕУ

Трамп и Јункер се договорија за надминување на трговскиот конфликт меѓу САД и ЕУ

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и претседателот на САД Доналд Трамп соопштија дека постигнале договор со кој ставија крај на трговскиот конфликт меѓу Вашингтон и Брисел, кој доведе до взаемни казнени царини.

САД и ЕУ постигнаа договор, изјави Јункер, а Трамп прецизира дека двете страни сакаат да се стремат кон „нула царини, нула нетарифни бариери и нула субвенции“ во трговската размена на индустриски стоки, со исклучок на автомобилскиот сектор. ЕУ веднаш ќе го зголеми увозот на соја од САД, соопшти Трамп и вети дека ќе го преиспита прашањето за американските царини за европскиот алуминиум и челик.

– Ќе работиме на намалување на бариерите и зголемување на трговијата на услуги, хемиски производи, фармацевтски производи, медицински производи, додаде тој и соопшти дека САД и ЕУ ќе работат заедно за реформа на Светската трговска организација (СТО).

– Ќе работиме тесно со партнери кои ги делат нашите идеи за реформирање на СТО и работа на проблемот на нелојалните трговски практики, вклучувајќи кражба на интелектуална сопственост, присилен трансфер на технологии, индустриски субвенции, изместувањата кои ги предизвикуваат државните фирми и прекумерната продуктивност, рече американскиот претседател.

Јункер истакна дека тој и Трамп се согласиле да не се воведуваат нови царини се додека течат преговорите, за кои веднаш ќе се формира работна група. Тој ја нарече средбата добра и конструктивна.

МИА