Подготовките за Светскиот економски форум во Давос, кој ќе почне на 22 јануари и ќе трае до петок, 25 јануари, а на кој се проценува дека ќе учествуваат околу 3 000 учесници, се во завршна фаза. Организаторите посочија дека сè е подготвено за собирот на најмоќните луѓе во светот.
Илјадници бизнисмени и политички лидери од целиот свет ќе се соберат во Давос, Швајцарија, на Светскиот економски форум за да разговараат за глобалните прашања. Главната тема на форумот оваа година е „Глобализација 4.0: Создавање нова архитектура во ерата на четвртата индустриска револуција“.
Организаторите посочија дека 65 шефови на држави и влади, и околу 40 лидери на меѓународни организации, меѓу кои и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ќе бидат дел од форумот, додека претседателот на Светскиот економски форум изјави дека околу 37 шефови на држави и владите ќе бидат од Европа и Евроазија.
Трамп, Макрон и Mej го откажаа своето доаѓање.
Според најавите, тие нема да присуствуваат поради серијата кризи кои влијаеја на глобалната економија. Причината поради која Макрон го откажа своето доаѓање се протестите на „жолтите елеци“.
Меј своето доаѓање го откажа поради ситуацијата со брегзит, за која посочи дека сега во овие моменти е потребно да се вклучат сите напори за решавање на ова прашање, пренесоа тамошните медиуми.
Според американските медиуми, Доналд Трамп го откажал доаѓањето поради ситуацијата на границата со Мексико и блокадата на владата.
Неизвесноста поради трговските спорови, поткопувањето на меѓународните односи, брегзитот и забавувањето на глобалниот раст, ќе бидат доминантни теми за кои ќе се разговара на форумот.
Меѓу учесниците на форумот ќе бидат голем број шефови на влади, раководители на компании и претставници на граѓанското општество, додека од Групата на седум индустриски најразвиени земји (Г-7) дел од форумот во Давос ќе бидат јапонскиот премиер, Шинзо Абе, германската канцеларка, Ангела Меркел, и италијанскиот премиер, Џузепе Конте.
Кинеската делегација ќе биде предводена од заменик-претседателот на Кина, Ванг Чишан, пренесоа тамошните медиуми. „Бизнис инсајдер“ оценува дека под знак прашалник, пак, сè уште е доаѓањето на рускиот претседател, Владимир Путин.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, неодамна, во одговор на новинарско прашање дали Путин ќе се појави во Давос, рече дека „ниту една опција не е исклучена, но дека одлуката сè уште не е донесена“.
Меѓу учесниците, најверојатно, ќе биде и српскиот претседател, Александар Вучиќ, како и премиерите на земјите од регионот.
Меѓу другите политички лидери кои ќе бидат дел од форумот се и претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, шпанскиот премиер, Педро Санчез, австрискиот канцелар, Себастијан Курц, претседателот на Колумбија, Иван Дуке, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, премиерот на Холандија, Марк Руте.