Британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас го обвини рускиот претседател, Владимир Путин, дека го „користи гладот како оружје“, мислејќи на дваесетте милиони тони житарки, сместени во магацини во украинските пристаништа, блокирани од Русите.
Изминатите денови почесто се зборува за можниот недостиг од храна, бидејќи Украина е еден од најголемите светски извозници на пченица.
– Ужасно е тоа што Путин се обидува цел свет да го држи во заложништво. Тој всушност го користи гладот како оружје и се заканува со недостиг од храна и тоа за најсиромашните луѓе во светот, изјави денеска Трас при посетата на Босна и Херцеговина.
Таа додаде оти тоа не смее да се дозволи.
– Путин мора да ги одблокира украинските пристаништа и да дозволи извоз на житарки, истакна Трас.
Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на редовната прес-конференција се осврна на обвинувањата дека Русија го блокира извозот на житарки од Украина.
– Категорички ги одбиваме таквите обвинувања. Напротив, ги обвинуваме западните земји и нивните потези што доведоа до тоа, истакна Песков.
Претходно, рускиот заменик министер за надворешни работи, Андреј Руденко нагласи оти Кремљ ќе дозволи бродови со храна да напуштат пристаништа, доколку се укинат санкциите против Русија. Киев и Западот тоа го нарекоа „уцена“ и „користење на храната како оружје“.
Висок турски официјален претставник тврди дека Анкара преговара со Москва околу можен транспорт на украински житарки преку Турција.