Трет ден по ред Московската берза останува затворена за тргување, соопшти денеска Руската централна банка. Истовремено е најавено дека сепак во текот на денот ќе бидат дозволени ограничени финансиски операции.
Русија се обидува да спречи финансиски колапс откако САД, ЕУ и други нивни сојузници воведоа санкции на поголем дел од нејзиниот банкарски систем, вклучително и замрзнување на стотици милијарди долари руски девизни резерви што Москва години наназад ги акумулира за заштита на сопствената економија.
Вредноста на рубљата падна, како и акциите на руските компании на светските берзи. Неколку западни компании веќе ја напуштија Русија, меѓу кои нафтените гиганти „Шел”, „Бритиш петролеум” и „Ексон мобил”.