Судот во самопрогласената Народна република Доњецк (ДНР) денеска обвини петмина странци, кои се бореле од страна на Украина, дека се платеници и соопшти дека тројца од нив може да се соочат со смртна казна.
Британецот Џон Хардинг, Хрватот Векослав Пребег и Швеѓанецот Матијас Густафсон, заробени во градот Мариупол и околината, можат да бидат осудени на смрт според законите на т.н. ДНР.
Други двајца Британци, Дилан Хили и Ендрју Хил, исто така беа обвинети, но не се соочуваат со егзекуција.
Ниту еден од петмината обвинети не се изјасни за виновен. Судот соопшти дека судењето ќе продолжи на почетокот на октомври.
Хрватското Министерство за надворешни работи како одговор на обвинувањата против Пребег соопшти дека „Хрватска го отфрла обвинението и не го смета за оправдано и легално бидејќи е во спротивност со меѓународното право и меѓународните конвенции за третман на притворени цивили и воени заробеници“.
Властите во Доњецк во јуни осудија на смрт двајца Британци и еден Мароканец фатени како се борат на страната на украинските сили против Русија, под обвинение за обид за преземање на власта и платеништво. (МИА)