Најмалку три лица загинаа во обилните снежни врнежи во северозападна Јапонија, кои почнаа минатиот викенд.
Според официјални претставници, стотина возила беа блокирани на автопатите, нарушено е движењето на возовите, а илјадници домови останаа без струја.
Снежните врнежи започнаа во саботата во северниот крајбрежен регион на земјата. Снежната покривка е над 2 метри на места во префектурите Ниигата, Јамагата и Аомори.
На автопатите во Ниигата стотици автомобили и камиони беа заглавени во конвои долги повеќе од 20 километри. Локални волонтери помогнаа со обезбедување храна и други основни работи за луѓето заробени во нивните автомобили со часови.
Со подобрување на временските услови, надлежните вчера дозволија движење на патиштата.
Сепак, според временските прогнози, за време на викендот се очекува регионот да го зафати уште едно снежно невреме.
Повеќе од 10.000 домови, главно во префектурата Ниигата, сè уште се без струја, а снабдувањето со намирници доцни поради блокирани патишта, соопшти утринава Министерството за економија, трговија и индустрија.
Канцеларијата за заштита од пожари и управување со катастрофи соопшти дека во невремето три лица загинале, а 10 се повредени. (МИА)