Двајца Јужнокорејци, меѓу кои и вршител на должноста капетан, се уапсени под обвинение дека украле воени тајни од севернокорејски агент кој им платил во криптовалути, соопшти полицијата во Сеул.
Нуклеарно вооружениот, но осиромашен Север, кој технички е во војна со Југот, раководи со армија од илјадници добро обучени хакери кои напаѓаат компании, институции и истражувачи во Јужна Кореја и на други места.
Но, ова е првпат „јужнокорејски цивилен и активен воен капетан да биде фатен во обид да дојде до воени тајни по наредба на севернокорејски агент“, се вели во соопштението на полицијата.
Еден од нив е 29-годишен армиски капетан за кој се тврди дека открил информации за приклучување кон системот за заедничка команда и контрола на Јужна Кореја, срцето на внатрешната, комуникациска мрежа управувана од војската.
Другиот е 38-годишен бизнисмен кој раководи со компанија за управување со виртуелни средства. Тој е обвинет дека на армискиот капетан му дал рачен часовник со тајна камера за да собере разузнавачки информации на барање на севернокорејскиот шпион.