Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников изјави дека 66.224 Украинци се вратиле од странство за да се приклучат во борбата против руската инвазија, која сега е фокусирана на целосно опкружување на главниот град Киев и вториот по големина град Харков.
„Толку многу луѓе се вратија од странство во моментов за да ја бранат својата земја од ордата. Тоа се уште 12 борбени и мотивирани бригади. Украинци, непобедливи сме!“ рече Резников во онлајн порака.
Московската офанзива влегува во десеттиот ден со воздушна поддршка и руска употреба на високопрецизно оружје, се вели во извештајот на украинските сили. Русија продолжува со напорите целосно да го опколи украинскиот град Киев и источниот Харков, вториот по големина град во земјата, соопштија украинските вооружени сили.
Руските војници сè уште се обидуваат да стигнат до административните граници на регионите Луганск и Доњецк со цел да воспостават копнен коридор од анектираниот Крим до сепаратистичките области.
Одбраната во Киев продолжува да ја одбива непријателската офанзива и да им нанесува загуби на напаѓачките сили, се наведува во извештајот. Руските сили продолжуваат да ги идентификуваат слабостите во одбраната на јужниот пристанишен град Мариупол, се вели во соопштението.
Третата рунда преговори меѓу Украина и Русија во Белорусија се очекува да се одржи овој викенд. Советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак рече дека, иако последните преговори биле изненадувачки конструктивни, Украина нема да ги исполни тешките барања на Русија.
„Претседателот Володимир Зеленски нема да направи отстапки кои на кој било начин би ја деградирале нашата борба што денес се води во Украина за територијалниот интегритет и слобода“, истакна тој.
Во меѓувреме, во соседните земји на Украина и другите земји од Европската унија постојано пристигнуваат бегалци барајќи безбедност од војната. УНХЦР проценува дека досега повеќе од 1,25 милиони луѓе побегнале од војната.
EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE