Јакнењето на ураганот Делта причини најголем удар врз американското производство на нафта во Мексиканскиот Залив во последните 15 години, откако во тој регион поради природната катастрофа се затворени речиси две третини од погоните за нафта и гас.
Според прогнозите на метеоролозите, ударите на Делта би можеле денеска дополнително да зајакнат во Заливот, кој е клучен за американското производство на нафта, а според Националниот центар за урагани, ветрот досега достигнал брзина од 195 километри на час.
Поради ураганот е прекинато производството на 1,67 милиони барели дневно или 92 отсто од вкупното производство на нафта во Мексиканскиот Залив, што е најмногу откако ураганот Катрин уништи повеќе од 100 платформи на море и го спречи производството повеќе месеци.
Од морските платформи во мексиканскиот Залив се евакуирани 279 работници, а производителите ги заштитиле работниците и од 15 наоѓалишта поради силните удари на ветрот.
Покрај нафтените постројки, производителите прекинале и 62 отсто од производството на природен гас во регионот, или 1,675 милијарди кубни стапки дневно.