Ураганот „Хана“ синоќа го погоди брегот на американската сојузна држава Тексас, проследен со силни ветрови и невреме, заканувајќи се и со поплави, па дури и торнада.
Првиот ураган сезонава на Атлантикот за нешто повеќе од еден час двапати го погоди копното, како бура од прва категорија, пренесуваат американските медиуми.
Ураганот го погоди копното околу 5 часот попладнето, околу 24 километри северно од Порт Менсфилд и 209 километри јужно од Корпус Кристи, проследен со ветрови со брзина од 145 километри на час, соопшти Националниот центар за урагани.
Многу делови од Тексас, вклучувајќи го и подрачјето погодено од невремето, во последните неколку недели се соочија со голем раст на бројот на заразени лица од Ковид-19, но локалните власти велат дека се подготвени за сите можни последици од ураганот.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, прогласи состојба на катастрофа во 32 окрузи што се на патот на невремето.
-Не можеме да дозволиме овој ураган да доведе до уште покатастрофална и смртоносна ситуација, со поттикнување на натамошно ширење на Ковид 19, што може да доведе до нови жртви, рече Абот.
Ураганот „Даглас“ денеска се очекува да ги погоди Хаваи.