Полицијата за борба против тероризмот врши истрага откако на аеродромот „Хитроу“ беше пронајдено извесно количество ураниум, јавија британските медиуми.
Граничните служби реагирале на безбедносно предупредување на 29 декември. Контактирана е службата за борба против тероризмот откако е пронајдено мало количество од опасниот материјал. Супстанцата може да се користи за таканаречените „валкани бомби“.
Командантот за борба против тероризмот Ричард Смит изјави дека количината на контаминиран материјал е исклучително мала и дека експертите оцениле дека не претставува закана.
Секретарот за здравство Стив Баркли изјави за Скај Њус дека се надева дека ќе добие понавремени информации за материјалот запленет во „Хитроу“, додавајќи дека официјалните лица работат со партнерските агенции за да истражат и да се осигураат дека нема ризик за луѓето.
Идентитетот на сите патници или компании поврзани со пакетот не е потврден, а наменетата дестинација на пакетот останува непозната. Нема апсења. Министерството за внатрешни работи не ја коментира истрагата додека таа се уште е во тек.
Според новинарската истрага на весникот „Сан“, пакетот бил наменет за ирански државјани во Велика Британија и пристигнал со лет од Оман откако бил испратен од Пакистан.