Внатрешна истрага спроведена во Ватикан покажа дека папата Јован Павле Втори бил предупреден дека тогашниот надбискуп Теодор Мекарик се однесувал на сексуално непримерен начин, но оти тој сепак решил да го унапреди во надбискуп на Вашингтон.
Истрагата траеше две години, а покојниот папа го промовираше Мекарик во кардинал во 2001 година, една година откако беше прогласен за надбискуп на Вашингтон, каде во меѓувреме стана познат по прибирање средства и влијание, јави Си-Ен-Ен.
Извештајот во голема мера го ослободи од вина сегашниот папа Франциск, а Мекарик поднесе оставка во 2018 година, додека Ватикан го екскомуницираше минатата година по црковно судење за сексуално злоставување малолетници.
„До 2017 година никој не му даде документација на папата Франциск во врска со обвинувањата против Мекарик. Папата слушна само дека има обвинувања и гласини“, се наведува во извештајот. Во документот се наведува и дека во 2005 година, папата Бенедикт побарал оставка од Мекарик во 2005 година, откако „обвинувањата за малтретирање и злоупотреба на возрасни повторно почнаа да излегуваат на површина“.
Во извештајот исто така се вели дека Канцеларијата за бискупи во Ватикан на Мекарик усно му наредила да се повлече од јавниот живот во 2006 година, две години подоцна во писмена форма, но дека тој ги игнорирал тие препораки. (МИА)