Британската Влада ја пушти во употреба страницата „Домови за Украина“, за сите оние кои сакаат да им бидат домаќини на бегалци, а 89.000 лица се пријавија уште првиот ден, јави Би-Би-Си.
Секретарот за домување и заедници, Мајкл Гов смета дека Велика Британија има историја на „поддршка за најранливите за време на нивните најтемни часови“.
На секое домаќинство што ќе згрижи бегалец, ќе му бидат понудени 350 фунти месечно, без данок. Од домаќините нема да се очекува да обезбедат храна и трошоци за живот, но, тие може да изберат да го понудат тоа.
Луѓето што сакаат да понудат простор од својот дом, без плаќање кирија, или пак, посебна резиденција, за најмалку шест месеци, можат да го сторат тоа на интернет. Како што е предвидено, бегалците ќе имаат пристап до здравство и други јавни услуги. Децата ќе ги следат часовите во локалните училишта.
Ќе бидат проверени и домаќините и бегалците кои учествуваат во програмата „Домови за Украина“. Дополнително, локалните совети ќе проверат дали понуденото сместување е соодветно, соопшти Владата. Медиумот потсети дека речиси три милиони лица избегаа од Украина, откако рускиот претседател, Владимир Путин, нареди руска инвазија, пред скоро три недели. (МИА)