Британската влада денеска објави дека замрзнала средства во вредност од повеќе од 18 милијарди фунти (20,5 милијарди долари) што ги поседуваат руски олигарси, други поединци и компании санкционирани поради инвазијата на Москва врз Украина.
Русија ги престигна Либија и Иран и стана најсанкционирана земја од Велика Британија, објави Канцеларијата за спроведување на финансиските санкции (ОФСИ), дел од Министерството за финансии, во својот годишен извештај.
Замрзнатите руски средства се за 6 милијарди фунти повеќе од сумата што се брои во сите други санкции од Велика Британија.
Рускиот милијардер Роман Абрамович и бизнисменот Михаил Фридман се меѓу санкционираните оваа година, заедно со претседателот Владимир Путин, неговото семејство и воените команданти.
Замрзнатите средства се комбинација од сопственички акции во компании и готовина што се чува на банкарски сметки. Владата санкционираше 95 отсто од рускиот извоз во Британија. Целиот увоз на руска нафта и гас ќе прекине до крајот на годината, јавија британските медиуми.