Близу Версајската палата во Париз утре се отвора целосно реновираното и досега неправедно запуштено Игралиште (Сала за рекреација, Salle du Jeu de Paume), просторијата во која се поставени темелите на француската демократија.
Салата била изградена за Луј Четиринаесетти во 1686 година, а се користела за спортот „игра со дланки“, претходник на денешниот тенис, популарна игра во француската историја (ја играле кралеви и аристократи). Но, повеќе од еден век подоцна, собата стана место на клучен миг во историјата на Франција…
На 20 јуни 1789 година, група народни пратеници од Третиот сталеж, барајќи реформи во монархијата, наишле на затворен влез во Хотел де Мењу-плезир (Hôtel des Menus-Plaisirs), каде што требало да се состанат. Тие барајќи алтернативно место за состанок завршиле во Игралиштето, каде дале заклетва што ја потврдила нивната решеност да инсистираат на промени во режимот на владеење. Пратениците настојувале на нов устав, и покрај кралската забрана. Заклетвата ја потпишале 577 лица, а само еден ја одбил.
Заклетвата на Игралиштето (Serment du Jeu de Paume) го означи почетокот на Француската револуција. Потоа е основано Националното конститутивно собрание коешто го укина феудализмот и ја одобри Декларацијата за човекови права.
Меѓу луѓето присутни таму тој ден имало многу познати историски личности: Максимилијан де Робеспјер, Оноре Габриел Рикети де Мирабо, Жозеф Ињас Гиљотин (по кого подоцна беше именувана гилотината)… Салата се отвора по осум месеци реновирање, нудејќи ѝ на јавноста „еден заборавен дел од историјата“ на Франција, како што истакна претседателка на Управата на палатата, Катрин Пегар.
Просторијата ја краси монументално реставрирано платно засновано на познатото недовршено дело на Жак-Луј Давид, кое го прикажува потпишувањето на Заклетвата.
По Револуцијата, салата прво станала складиште, потоа сликарско атеље, а во 1840 година ѝ била вратена намената на игралиште. Подоцна во неа бил сместен Музејот на Француската револуција, а потоа паднала во запуштеност со десетлетија. Палатата повторно се отвора за јавноста, како и просториите што ги користеле членовите на кралската куќа пред Револуцијата, целосно обновени во првичната состојба. (МИА)