Во Египет на 11 и 12 август ќе се одржат избори за нов дом на Парламентот – Сенат, кој ќе биде првпат формиран, откако минатата година беше донесена таква одлука на референдум за ревизија на Уставот, изјави денеска претседателот на Изборната комисија, Лашин Ибрахим.
Уставните амандмани усвоени минатата година ќе овозможат формирање на Совет на сенатори, тело кое ќе има 300 членови, од кои две третини ќе ги избираат граѓаните, а една третина ќе ги именува претседателот.
Ибрахим истакна дека на изборите, кои ќе се одржат во време на пандемија на новиот коронавирус, ќе бидат преземени мерки за претпазливост, додавајќи дека на гласачките места ќе биде задолжително носење заштитни маски и одржување физичка дистанца.
Според него, резултатите од изборите се очекува да бидат објавени на 19 август.