Претседателот на Еквадор, Гиљермо Ласо прогласи 60-дневна вонредна состојба, вклучително и полициски час во некои области и распоредување на илјадници безбедносни сили во три од 24-те провинции во земјата, поради пораст на стапката на криминал.
Околу 9.000 припадници на полицијата и војската ќе патролираат по улиците за време на вонредната состојба, додека на некои места полицискиот час ќе биде во сила од 23 до пет часот наутро.
Ласо вторпат прогласува вонредна состојба за да се спротивстави на зголеменото насилство од крајот на минатата година во Еквадор. За ситуацијата властите ги обвинуваат бандите кои шверцуваат дрога и земјата ја користат како транзитна точка за извоз на наркотици дрога во САД и во Европа.
Претседателот на Еквадор воведе вонредната состојба во октомври минатата година, но беше критикуван од Уставниот суд, кој двојно го намали траењето на 30 дена и соопшти дека армијата може да пружа само поддршка на полициските операции.