Околу 95.000 лица поднеле поплаки, откако во сила стапи новата регулатива на ЕУ за заштита на личните податоци, позната како ГДПР, јави дописничката на МИА во Брисел.
Од тие поплаки, за сега три завршиле со финансиски санкции, а највисоката е 50 милиони евра против „Гугл“ во Франција, затоа што компанијата не ги информирала доволно добро корисниците за употребата на нивните лични податоци.
Ова се првите конкретни резултати од регулативата ГДПР која стапи во сила во мај 2018 во ЕУ и која се смета за најефикасната законска рамка за заштита на личните податоци на корисниците на интернет во светот.
– Горди сме што воведовме најстриктни и најмодерни правила за заштита на податоци и кои наскоро ќе станат универзална норма, изјави Франс Тимерманс, потпретседател на Европската Комисија.
Тој заедно со еврокомесарките Марија Габриел и Вера Јоурова истакнаа дека во прашање не се само корисниците, туку и заштитата на демократијата во Европа.