сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Во Германија се воведува законска обврска за шетање кучиња најмалку 2 часа на ден

Во Германија се воведува законска обврска за шетање кучиња најмалку 2 часа на ден

На сопствениците на кучиња во Германија наскоро со закон ќе им биде пропишано да ги шетаат своите миленичиња барем двапати дневно по најмалку еден час.

Германската министерка за земјоделство Јулија Клокнер вели дека овие правила се базирани на научните докази што покажуваат дека на кучињата им е потребна доволна количина на активност и контакт со својата околина, вклучувајќи и други животни, природа и луѓе. Ќе биде забрането држењето на кучето на синџир или предолгото водење на поводник.

Освен тоа, кучињата нема да смеат да бидат оставени сами дома по цел ден, па сопствениците ќе мора да се грижат за нив и неколку пати дневно.

– Кучињата не се играчки. И тие имаат свои потреби на кои треба да се обрне внимание – вели министерката.

Главното прашање е кој и како ќе ги проверува сопствениците. Дури 19 отсто од германските семејства имаат кучиња. Портпаролката на министерството за земјоделие вели дека за спроведување на законот ќе биде одговорна локалната влада на 16 германски сојузни држави.

Но, шегите за новиот закон доаѓаат и од самата партија на Клокнер, Демохристијанската унија. Сасија Лудвиг, членка на партијата, вели дека за време на неодамнешниот топлотен бран не е здраво за кучињата да останат толку долго време надвор.

– Јавно објавувам дека нема да го однесам моето куче на прошетка двапати по еден час на температура од 32 Целзиусови степени. Наместо тоа, попрво би скокнале во реката за да се освежиме – напиша таа на нејзиниот твитер-профил.

– Ме навредува тоа што некој ми кажува колку долго треба да си го шетам кучето. И кој ќе ме провери? Дали соседите ќе повикаат полиција ако се сомневаат дека не го носам на доволно долги прошетки? И онака нема да издржи два часа на ден – вели Бербел Клајд, кој е сопственик на петгодишен јорк.

Волтер Швајц вели дека неговиот 14-годишен германски овчар има рак и може да шета само низ нивната куќа во Келн.

– Да ги оставиме луѓето да си го живеат животот. Што е следно што ќе ни кажуваат? Колку пати треба да ја исчистиме кутијата со песок на мачките? – вели тој.