Портпаролот на телекомуникацискиот оператор „А1“ во Белорусија, Никлај Бределев е уапсен, поради што Телеком Австрија и Министерството за надворешни работи во Виена реагираа со голема загриженост.
Според Телеком Австрија, кој е сопственик на „А1“ во Белорусија, нивниот тамошен портпарол е уапсен под обвинение за ширење незгодни информации за компанијата.
– Покрај тоа, објавено е и понижувачко видео со лични податоци за неговиот приватен живот, соопшти концернот во Виена.
Групацијата А1 Телеком Австрија жестоко го осуди мешањето во приватната сфера на своите вработени.
– А1 Белорусија има строги правила и процедури за спречување на нелегални прекршувања на безбедноста на податоците и ги истражува сите сомнежи. Ќе ги искористиме сите расположливи средства преку правни и дипломатски средства за да ги поддржиме нашите вработени во таа земја и да ги заштитиме, се наведува во соопштението.
Австриското Министерство за надворешни работи изрази длабока загриженост поради апсењето на портпаролот на „А1“ во Белорусија.
– Ги осудуваме понижувачките постапки на белоруските власти. Основните права и правото на слобода на сите луѓе мора секогаш да бидат гарантирани, се вели во соопштението.