Во Русија повеќе од 2.000 луѓе се евакуирани од поплавените подрачја на далечниот исток на земјата поради налетот на невремето Канун, соопштија денеска локалните власти.
„Повеќе од 2.000 луѓе, меѓу кои 405 деца, се евакуирани во регионот Приморје“, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации на Телеграм.
Министерството наведува дека околу 5.000 згради биле поплавени во тој пограничен регион, кој граничи со Кина и Северна Кореја.
Спасувачите поставија 13 центри за привремено сместување.
Минатата недела тајфунот Канун, придружен со обилни врнежи и силен ветер, ја зафати Јапонија пред да стигне до Корејскиот полуостров.
Ова доведе до евакуација од претпазливост и откажување на стотици летови и возови во Јапонија и Јужна Кореја.