Стокхолм, 2 јуни 2022 (МИА) – Конференцијата на Обединетите нации за животната средина започна денеска во Стокхолм, 50 години откако главниот град на Шведска, исто така, беше домаќин на меѓународниот состанок, што се занимава со актуелни прашања околу климата.
Нејзиното име е „Стокхолм+50“ и предвидено е да трае два дена.
Меѓу присутните се и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и бројни државни лидери, министри, активисти за животната средина.
На отворањето на конференцијата, шведскиот крал Карл XVI Густаф ги поздрави делегациите од целиот свет и се осврна на првата еколошка конференција во Стокхолм, во 1972 година, нарекувајќи ја „историска“.
– Оттогаш поминавме долг пат. Но, сакам јасно да кажам: немаме дополнителни 50 години за пресврт. Ако сакаме да го намалиме глобалното затоплување, следните неколку години ќе бидат клучни, изјави кралот.
Под слоганот „Здрава планета за просперитет на сите – наша одговорност и наша можност“, мисијата на конференцијата е да се поттикне спроведувањето на постоечките климатски договори, како што се целите за одржлив развој на ОН и Парискиот договор.
Но, не се очекува донесување нови конкретни договори и одлуки.
– Светот веќе постави доста амбициозни цели, затоа овој состанок нема да постави нови, истакна шведската премиерка Магдалена Андерсон.
Наместо тоа, таа посочи дека на конференцијата ќе се разговара за начините за постигнување на постоечките цели што е можно побрзо и поефикасно.
На првата конференција за животната средина на ОН во Стокхолм во 1972 година формирана е Програмата за животна средина на Обединетите нации. Врз нејзините темели, влади низ целиот свет формираа министерства за заштита на животната средина.