сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Во Судан договорено 24-часовно примирје

Во Судан договорено 24-часовно примирје
ЕПА

Ривалските судански команданти се согласија на 24-часовно примирје, почнувајќи од вечерва, соопшти војската, откако американскиот државен секретар Антони Блинкен ги повика двете страни по жестоките борби во Картум во кои беше пукано врз американски дипломатски конвој.

Примирјето ќе започне во 18 часот и нема да трае подолго од договорените 24 часа, изјави воениот генерал Шамс ел Дин Кабаши, член на владејачкиот воен совет на Судан.

Блинкен одржа одвоени разговори со началникот на армијата и шефот на паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), во чија борба за власт се убиени најмалку 185 луѓе низ целата земја, уривајќи го меѓународно поддржан план за транзиција кон цивилно владеење по децении автократија и воена контрола.

Водачот на РСФ, генералот Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, чие место на живеење не е објавено од почетокот на борбите, рече дека РСФ одобрила 24-часовен прекин на огнот за да се обезбеди безбедно минување на цивилите и евакуација на ранетите.

Во објава на Твитер, Хемедти соопшти дека „разговарал за итни прашања“ со Блинкен и дека се планирани дополнителни разговори. РСФ, исто така, објави соопштение во кое вели дека води континуирана битка за враќање на „правата на нашиот народ“ во, како што ја нарече, нова револуција.

Блинкен истакна дека првичните извештаи сугерираат дека нападот врз американскиот претставник бил извршен од сили поврзани со РСФ, нарекувајќи ја акцијата „непромислена“. Тој рече дека целиот американски персонал е безбеден по инцидентот, нарекувајќи ги заканите кон американските дипломати „целосно неприфатливи“.

Нагласувајќи го ризикот што долготрајниот конфликт го претставува за регионалната стабилност, Кабаши рече дека две соседни земји се обидуваат да пружат помош на РСФ. Тој не ги идентификуваше земјите.

Во повеќе региони во земјата од саботата се водат борби. Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина соопшти дека е речиси невозможно да се обезбедат хуманитарни услуги во главниот град. Се предупредува и дека здравствениот систем во земјата е во опасност од колапс.