вторник, 26. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Вонредна состојба во Флорида поради недостиг на гориво

Вонредна состојба во Флорида поради недостиг на гориво

Гувернерот на Флорида Рон Десантис прогласи вонредна состојба во врска со можниот недостиг на гориво предизвикан од прекинот во снабдувањето по кибер нападот врз најголемата американска компанија „Колонијал пајплајн“ (Colonial Pipeline).

„Неочекуваното затворање на најголемиот гасовод и оттаму произлезените нарушувања во снабдување со гориво претставуваат сериозна закана за Флорида и бараат итни мерки за заштита и олеснување на снабдувањето со гориво сè додека гасоводот повторно не се стави во функција“ се вели во соопштението Се истакнува дека вонредната состојба ќе трае 30 дена и може да се продолжи доколку е потребно.

Според телевизискиот канал ВТСП (WTSP), гувернерот стравува од недостиг на гориво во северните делови на државата. Наметнувањето на вонредна состојба ќе ги отстрани ограничувањата за големината и максималната тежина на бензинските камиони што можат да се движат низ Флорида.

„Колонијал пајплајн“, кој пренесува голем дел од своето гориво од Тексас до источниот брег на САД, соопшти дека минатата недела бил извршен напад со малициозен софтвер врз неговите системи. Станува збор за програма што влегува во компјутерски систем и привремено го блокира неговото работење со криптирање на податоци сè додека жртвата не ја плати сумата што ја бараат хакерите. Процесот на враќање на нормалните активности е веќе започнат и се очекува гасоводот да биде во функција до крајот на оваа недела.