Руска новинарка и адвокат биле нападнати и тешко повредени откако нивниот автомобил бил запрен од неколку маскирани лица во Чеченија.
Eлена Милашина, новинарка од Новаја Газета и адвокатот Александар Немов биле нападнати додека патувале од аеродромот кон регионалниот главен град Грозни.
„Новаја газета“ минатата година ја загуби лиценцата за медиуми во Русија.
Напаѓачите и ја избричиле главата на Милашина, и скршиле неколку прсти и ја полеале со зелена боја, соопшти организацијата за човекови права Меморијал.
„Брутално ги удирале со клоци, вклучително и по лицето, им се заканувале со смрт, им држеле пиштол на глава, им ја одзеле опремата и ја искршиле“, објави Меморијал на Телеграм.
Групата за човекови права Team Against Torture соопшти дека Немов бил прободен со нож во ногата и дека мотивот за нападот е „казна“ за нивното известување.
Руските медиуми јавуваат дека претседателот Владимир Путин е запознаен со ситуацијата, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека е потребен „енергичен“ одговор на нападот.
„Постои потреба од проверка и истрага за позадината на овој напад“, рече Песков.
Со соопштение за поддршка на новинарката и адвокатот излезе и Министерството за дигитална трансформација.
„Новинарот додека ја врши својата работа не смее да биде изложен на малтретирање и тортура. Очекуваме дека овој случај ќе биде детално истражен и сторителите ќе бидат казнети“, се наведува во соопштението. (МИА)