среда, 13. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Вториот круг од изборите во Џорџија уште еден тест за американските демократи

Вториот круг од изборите во Џорџија уште еден тест за американските демократи

Избирајќи помеѓу свештеник и поранешна фудбалска ѕвезда, гласачите во Џорџија денеска ќе одлучуваат за нивниот претставник во Сенатот на САД, на изборите кои се со висок влог за претседателот Џо Бајден.

Демократскиот сенатор Рафаел Ворнок и републиканскиот противкандидат Хершел Вокер, кој е поддржан од поранешниот претседател Доналд Трамп, ќе се соочат во тесен втор круг откако ниту еден од овие двајца афроамерикански кандидати не освои повеќе од 50 отсто од гласовите на среднорочните (конгресните) избори на 8 ноември.

Бајден ги повика жителите на Џорџија да гласаат за демократот Ворнок (53) против републиканецот Вокер (60). – Тоа е навистина клучно, рече Бајден.

Иако демократите веќе задржаа тесно мнозинство, а со тоа и контрола врз Сенатот по среднорочните избори минатиот месец, овие избори се уште се одлучувачки за Бајден. Републиканците ја гледаат потенцијалната победа како можност да ја зајакнат нивната способност да ја блокираат политиката на Бајден откако ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом.

Републиканците се надеваат дека ќе го запрат моментумот на Бајден на 700 дена до претседателските избори во 2024 година, откако неговата партија на изборите во ноември оствари резултати подобри од предвиденото.

За демократите, од друга страна, победата на Ворнок ќе помогне да се консолидира нивното тенко мнозинство во Сенатот и да им се даде поголемо влијание во клучните конгресни комисии. Тоа, исто така, значително би ја ограничило моќта на центристичкиот демократски сенатор Џо Манчин, кој веќе блокираше неколку големи иницијативи на Бајден во неговите први две години на функцијата.

Поранешниот претседател Барак Обама, кој одржа митинг во Атланта минатата недела, учествува во демократската кампања.

Колку се важни изборите покажува и фактот дека за кампањата веќе се потрошени приближно 400 милиони долари, што ја прави трката за Сенатот на Џорџија најскапа во историјата на конгресните меѓуизбори.

Околу 1,9 милиони луѓе веќе гласаа предвреме, многу од нив веројатно ќе бидат демократски гласачи, додека републиканците се очекува да излезат на гласање во текот на денот..

Тешко е да се предвиди резултатот од изборите, бидејќи според последните анкети разликата меѓу кандидатите е премала.