Многу француски семејства годинава ќе се откажат од традицијата под Божиќната елка да остават подароци, поради недостаток на средства, јави дописникот на МИА.
Вкупно, 2,8 милиони (20 отсто) родителите нема да можат да ги израдуваат своите деца годинава, произлегува од студијата на Ифоп за здружението Донс Солидер (Солидарни подароци). Во рамките на „сиромашните категории“, оваа бројка се зголемува на 36 отсто. Покрај тоа, 4,6 милиони (33 отсто) родители во Франција велат дека годинава ќе потрошат помалку од вообичаеното за Божиќ, наведува невладината организација.
-Здравствената криза втурна еден милион Французи во сиромаштија, кои се додаваат на 9,3 милиони луѓе што веќе живеат под прагот на сиромаштија. Тоа се исто толку семејства, млади луѓе, студенти, невработени, изолирани луѓе кои ќе бидат лишени од подароците на крајот на годината , предупредува Доминик Безансон, генерален делегат на Донс солидер.
Во овој контекст на здравствена криза и растечка несигурност, 52 отсто од семејствата велат дека ќе скратат на други работи за да им дадат подароци на децата, 46 отсто прават помали подароци и 37 отсто купуваат од втора рака. Меѓу најнесигурните семејства, 1,9 милиони родители ќе сметаат на надворешна помош (здруженија, семејството) да им понудат подароци на своите деца, прецизира здружението Донс солидер. Така, невладината организација повикува на дарежливост на Французите и ја започнува единаесеттата операција „Божик за сите“ . Кампањата „овозможува, благодарение на заложбата на бројни претпријатија партнери, да се прераспределат илјадници подароци на луѓето во тешкотија“, велат од здружението.