Стотици деца веќе починаа од глад во центрите за прехрана во Сомалија, соопшти денеска УНИЦЕФ.
Соопштението следува само еден ден откако Обединетите Нации (ОН) предупредија дека делови од оваа африканска земја наредните месеци ќе бидат погодени од гладта.
Регионот на Рогот на Африка петта година по ред е без дожд. Гладта во 2011 година таму одзеде повеќе од 250.000 животи, најголем дел деца.
– Околу 730 деца веќе починаа во центрите за прехрана низ земјата, во периодот меѓу јануари и јули годинава. Но, бројката може да е поголема затоа што многу смртни случаи не се пријавуваат, изјави претставничката на УНИЦЕФ за Сомалија, Вафа Саед на прес-конференција во Женева.
Овие центри се отворени за да им се помогне на гладните деца, а еден е отворен и за болни од сипаници, колера, маларија.
– Не ја гледаме целосната слика. Запознав многу, многу семејства чии деца починаа на пат кон центарот, нагласи Виктор Чинјама, портпарол на УНИЦЕФ во главниот град Могадишу.
Агенцијата на ОН предупреди и на епидемии на болести кај децата. Изминатите месеци регистрирани се околу 13 илјади случаи на сипаници, 78 отсто кај деца помали од пет години.
Издвојувањата за Сомалија се зголемија изминатите недели. Повикот на ОН за 1,46 милијарди долари помош е исполнет 67 отсто. Но, хуманитарци апелираат оти помошта е задоцнета и дека потребно е повеќе.
– Ќе сведочиме на детска смрт на незамисливо ниво, доколку не дејствуваме навреме, подвлече Одри Крауфорд од Данскиот совет за бегалци. (МИА)