Германската тинејџерка Наоми Зајбт, речиси преку ноќ стана миленичка на германските десничари, стекнувајќи ја популарноста со објави кои кореспондираат со скептиците околу климатските промени и добивјќи го прекарот „анти-Грета“, објави „Гардијан“.
Неделава 19-годишната Зајбт ќе настапи на најголемиот собир на конзервативците во Америка – Конзервативна конференција за политичка акција (ЦПАЦ) во близина на Вашингтон. Меѓу говорниците на собирот ќе бидат и американскиот потпретседател Доналд Трамп и потпретседателот Мајк Пенс.
Зајбт е на платен список на Институтот Хартланд, т.н. тинк-тенк, кој е блиско поврзан со Белата куќа и кој, исто така, ги негира утврдените научни сознанија за тоа дека човековата активност, пред сè горењето фосилни горива, ја загрева планетата што во иднина ќе има последици по екосистемот и човештвото.
Институтот Хартланд, пред да почне со лобирање против борбата против климатските промени, се занимавал, меѓу другото, со лобирање за индустријата на тутун и јаглен.
Главната теза на Зајбт е дека шведската тинејџерка Грета Тунберг и други климатски активистишират непотребна хистерија, преувеличувајќи ја кризата околу климатските промени. Таа тврди дека не ги негира климатските промени, туку себе се нарекува „климатски реалист“. Оваа млада конзервативка смета дека научниците го преувеличуваат влијанието на емисијата на стакленички гасови на климата на планетата.
-Имам многу добри вести за вас. Не доаѓа Судниот ден поради климатските промени. Всушност за 12 години и натаму ќе бидеме овде, лежерно правејќи фотки на своите Ајфони18с, вели Зајбт во видео како реакција на предупредувањето од Тунберг дека имаме уште 12 години за да спречиме климатска катастрофа.
Но она што Тунберг го зборува е само повторување на ставот на научниците кои предупредија дека човештвото има 12 години ако сака да го задржи растот на глобалната температура под 1,5 целзиусови степени. Дури и половина степен повеќе од тоа ќе го зголеми ризикот од суши, поплави, пожари, екстремни горештини, недостиг на вода и сиромаштија за стотици милиони луѓе. (МИА)