Слаб природен земјотрес, кој е регистриран во Северна Кореја, веројатно е резултат на сеизмичката нестабилност на тоа подрачје, соопштија јужнокорејските власти.
Официјален Сеул тврди дека сеизмичката нестабилност во регионот трае откако Пјонгјанг го изврши шестото и најголемо нуклеарно тестирање во 2017 година.
Според наводите на јужнокорејската Метеоролошка служба, земјотрес со интензитет од 2,5 степени според Рихтерова скала бил регистриран во провинцијата Хамгјонг, каде што се наоѓа Пунгје-ри, напуштена локација за нуклеарни проби. Тука во периодот од октомври 2006 до септември 2017 година се извршени најмалку шест тестирања.
Северна Кореја минатата недела соопшти дека веќе не се чувствува должна да ги исполнува обврските, кои вклучуваат прекин на нуклеарните проби и тестирање на интерконтинентални балистички ракети, бидејќи САД го игнорирале рокот за нуклеарните преговори.