четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Заев се обрати во ЕП

Заев се обрати во ЕП

Премиерот Зоран Заев штотуку се обрати пред Европскиот парламент по покана од неговиот претседател Антонио Тајани.

Ова, како што истакна Заев, е прво обраќање на македонски премиер на македонски јазик во европскиот пратенички дом.

– За нашиот македонски народ ова е историски момент. Ова е прв пат еден премиер на нашата земја да одржи говор пред Европскиот парламент на својот, мајчин јазик, рече Заев.

Премиерот Заев на европратениците и членовите на Европската комисија присутни во салата им ја објасни важноста за Македонија од склучувањето на преспанскиот договор, заблагодарувајќи му се и на неговиот грчки колега Алексис Ципрас.

Референдумот на 30 септември, рече Заев, е референдум за втора независност.

– За Република Македонија, тоа е можност што толку долго ја чекавме. Во 1991 година гласавме за независност. На референдум. Сега, повторно на референдум треба да го направиме следниот чекор: да создадеме реална можност да станеме 30-та земја членка на НАТО и да го започнеме, да затвораме поглавје по поглавје до членство во Европската Унија, во европското семејство. Референдумот на 30 септември е многу повеќе отколку само референдум за Договорот од Преспа. Тоа е референдум за иднината. Тоа е референдум за нашата втора независност, истакна Заев.

Како и премиерот Ципрас пред два дена, Заев посочи дека решавањето на спорот за името може да послужи како пример за решавање на други билатерални спорови.

– Ние сакаме да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан и даваме силна поддршка на наоѓање одржливи решенија, засновани на европските вредности и меѓународното право, кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ, истакна македонскиот премиер.

Тој ги изложи причините зашто „нема силна ЕУ без успешен Балкан“.

– Успешен Балкан е Балкан интегриран во ЕУ. Оваа визија нѐ мотивираше да го направиме историскиот чекор и со тоа да ги поттикнеме процесите на помирување, градење заедништво и сојузништво во регионот, рече премиерот.

Тој потсети на важноста на регионот во справувањето со миграциската криза и истакна дека инвестирањето во Балкан е инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа.

Премиерот ги увери европратениците дека Македонија прави сѐ за да ги постигне стандардите на Европската Унија.

– Ги знаеме препораките, тие се нашите приоритети: независни и демократски институции, владеење на правото и борба против корупцијата и професионална јавна администрација како сервис за граѓаните, рече премиерот.

Заев потсети дека Македонија е „еден вид Европа во мало“, „успешна европска приказна, како автентичен модел на функционална мултиетничка демократија. Еден вид Европа во мало – ние секојдневно го живееме европското мото „Обединети во различностите“, додаде тој.

Заев подвлече паралела помеѓу кризата низ која поминува Европската Унија денес и политичката криза низ која мина Македонија, борба на отворено општество против авторитарниот национализам.

– Политичката криза низ којашто поминавме беше всушност борба за вредности каква што се одвива и во европски и глобални рамки – борба за либералните вредности на владеење на правото, човековите права и слободи, демократското  владеење, отворената економија, наспроти авторитарниот национализам, рече премиерот.

Зоран Заев посочи дека младите луѓе во Македонија сонуваат да бидат дел од европското семејство.

– Да, нашите луѓе сакаат да бидат дел од ова семејство. Се чувствуваме европски и ѝ припаѓаме на Европа. Во 1991 година, кога имав 17 години, ова беше сѐ за што сум сонувал: да бидеме  дел од европското семејство. Да имаме европска иднина. Нашите млади луѓе сонуваат за ова и денес. Сега, 27 години подоцна, како премиер, во име на граѓаните на мојата земја, зборувам во Европскиот парламент на својот македонски јазик, заклучи Заев пред европратениците.

МИА

Најнови вести