Иако се уште не се знае кога точно ќе се одржи наредната средба во Брисел во рамките на финалната фаза од преговорите меѓу Косово и Србија, од Кабинетот на косовскиот претседател Хашим Тачи тврдат дека на неа ќе се разговара за барањето на Албанците од Прешевската Долина за обединување со Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Неименуван извор од кабинетот на Тачи за весникот „Зери“ изјави дека на наредната средба на косовскиот со српскиот претседател Александар Вучиќ ќе се разговара и за модалитетите за постигнување обврзувачки договор меѓу двете држави.
Весникот потсетува дека и пред последната средба, на почетокот на месецов, се најавуваше дека ќе се разговара за Прешевската Долина, но тоа не се случи.
Освен опозицијата, која му го оспорува мандатот на Тачи да преговара со Србија, против идејата на косовскиот претседател за корекција на границите се и две од трите партии на Албанците во владејачката коалиција – Алијансата за иднината на Косово (ААК) на премиерот Рамуш Харадинај и Иницијативата за Косово (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај. Третата партија, Демократската партија на Косово (ПДК) на собранискиот претседател Кадри Весели, го поддржува Тачи, кој е нејзин основач и доскорешен лидер, како главен преговарач со Србија, но се воздржува од коментирање на неговата идеја за корекција на границите.