Еден турски војник загина и четири лица се повредени во ракетен напад од северен Ирак, соопштија локалните власти од југоисточниот турски округ Хакјари.
Според турската телевизија НТВ, членови на забранетата Курдска работничка партија (ПКК) извршиле напад од територијата на северен Ирак, од регионот Зап, врз турска воена база во реонот на градот Чукурџа во округот Хакјари, југоисточна Турција. Борците на ПКК истрелале два проектили врз воената база.
Меѓу повредените има тројца војници и еден цивил кој е во тешка состојба.
Турските безбедносни сили презедоа обемна антитерористичка операција во регионот, информира Си-Ен-Ен Турк.
Анкара, ЕУ и САД ја сметаат ПКК за терористичка организација. Групата води вооружена борба против турската држава од 1984 година, во која досега се убиени речиси 40.000 луѓе. ПКК има бази во северен Ирак.