понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Иванов до Столтенберг: Неопходно е да го добиеме одамна заслуженото членство во Алијансата

Претседателот Иванов порача земјите-членки на НАТО долгорочно да ги согледуваат новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа и да соодветствуваат со политиките на отворени врати и колективниот интерес на Алијансата.
Иванов до Столтенберг: Неопходно е да го добиеме одамна заслуженото членство во Алијансата

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

На средбата се разговараше за евроатлантските интеграции на Република Македонија, за реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите, како и за унапредувањето и продлабочувањето на соработката со Северноатлантската алијанса.

Претседателот Иванов и генералниот секретар Столтенберг, оценија дека односите и соработката меѓу Република Македонија и Алијансата се на високо ниво, и го истакнаа придонесот што македонската армија го дава во рамки на меѓународните мировни мисии.

Македонскиот претседател потенцираше дека Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО, нагласувајќи дека е неопходно да го добиеме одамна заслуженото членство во Алијансата, со што ќе се создадат трајни придобивки за  безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион.

-Република Македонија со своите мировници континуирано ги споделува вредностите и обврските на Алијансата, оттаму, неопходно e час поскоро да ги споделуваме и поволностите што ги носи членството, рече претседателот Иванов.

Тој додаде дека Република Македонија ќе продолжи и понатаму активно да придонесува кон обезбедување на глобалниот мир и безбедност, преку учество и поддршка во мисиите предводени од НАТО.

Претседателот Иванов порача земјите-членки на НАТО долгорочно да ги согледуваат новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа и да соодветствуваат со политиките на отворени врати и колективниот интерес на Алијансата.

На средбата беа разменети мислења и за најновите неконвенционални закани во глобалното безбедносно опкружување и за прилагодувањето на способностите за одбрана, одвраќање и справување со овие закани.

Најнови вести