петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Музика

Мијата со концерт во македонската филхармонија

Мијата со концерт во македонската филхармонија

…овој акустичен кабаре концерт ќе биде вистинско уживање за публиката, органска музика за сите сетила…

Камерната сала на Македонската филхармонија ќе биде местото каде што на 30-ти ноември (петок) во 20 часот, ќе се одржи концертот на Мијата, наречен „Јаболки и круши за уметнички души”, што всушност претставува акустична кабаре претстава и одлична симбиоза на музиката и театарот.

„Создадовме прекрасен перформанс кој изобилува со моја музика изведена од повеќе акустични инструменти како што се гитара, контрабас, перкусии, пијано… За уживањето да биде уникатно, на сцената ќе има и пантомимичар и рецитатор… Овој акустичен кабаре концерт ќе биде вистинско уживање за публиката, органска музика за сите сетила”, вели Мијата.

Режијата за овој акустичен кабаре перформанс е на Војо Цветановски, а „делото“ го сочинуваат: Мијата како вокал, Мето Јанакиевски во улога на пантомимичар и физички театар, Ајхан Куртов на пијано, Зоран Костадиновски (акустична гитара), Ратко Даутовски (кахон и перкусии) и Кирил Туфекчиевски на контрабас. Ангела Здравковска ќе биде придружен вокал, Тања Рибарска ќе ја има улогата на инспициент, а за рецитациите ќе биде задолжена Јелена Мијатовиќ.

Преку „Јаболки и круши за уметнички души” Мијата ја раскажува својата приказна преку своите песни, но на еден многу интимен начин.

Ова е ретка можност еден вокален изведувач да се најде во улога и на актер и тоа во концертно издание. Мијата со сите овие уметници на сцена, ќе создаде едно ново видување на својата музика раскажано на акустичен начин и ќе ги соедини за миг, музиката и театарот.

Ова е чекор понапред во концептот наречен македонска забавна музика.

„Едно е сигурно, додава Мијата, заедно со публиката во прекрасниот амбиент на Камерната сала на Македонската филхармонија, ќе создадеме ноќ за паметење.

…Се започна од јаболкото… Серпентијата ме научи како да се насладувам со сокот јаболков…

Билетите по цена од 400 денари се во продажба на билетарницата на Македонската филхармонија и онлајн на mktickets.mk и karti.com.mk.