Клубот „Брејк а Лег“ следната година, од 8 до 17 октомври го организира Светското првенство во хип хоп и стрит денс шоу, што ќе се одржи во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Основачот на најуспешното студио за хип хоп и модерни танци во Македонија „Брејк а Лег“ Трајче Петковски го потпиша договорот за организирање на светското првенство на прес-конференцијата на Светската танцова организација (ИДО) што се одржа во Полска, во присуство на претседателот на ИДО Д-р Велибор Срдич, организаторите Ана Биали и Валдемар Кречко.
Петковски истакна дека повеќе од 4500 натпреварувачи, од над 30 земји од 5 континенти ќе се натпреваруваат во дисциплините „хип хоп“ и „стрит денс шоу“ во повеќе возрасни категории.
„Светското првенство е одлична можност за промовирање на македонската култура, уметност и традиција, но и потврда дека во Македонија има квалитетни танчери со неверојатни вештини и страст за танц. Упатувам голема благодарност до Светската танцова организација која искрено го препозна нашиот долгогодишен труд, но и заложба за развивање на модерните танци во земјава. Горд сум што следната година ќе бидеме организатори на овој важен настан и ветувам дека ќе понудиме одлична програма која ќе го привлече вниманието на љубителите на танцот и на сите граѓани“, рече Петковски.
Во своето 15 годишно постоење, „Брејк а Лег“ има освоено бројни награди на меѓународни натпревари. Во 2016 година, беа светски вице шампион, една година подоцна европски шампион и во периодот од 2010 до 2023, секоја година се финалисти на светското првенство.