Авантурата на Гонзало Игуаин во Милано завршува по само 6 месеци, откако тој и клубот не успеаја да ја најдат вистинската форма. Аргентинскиот напаѓач сега ќе замине во Челзи, каде повторно ќе добие шанса да соработува со Маурицио Сари, со кој има само добри спомени.
Челзи веќе подолго време преговараа со Јувентус околу потенцијалниот трансфер на Гонзало Игуаин, а синоќа откако Јувентус го освои италијанскиот Суперкуп медиумите почнаа да ја пренесуваат информацијата дека двата клуба се сложиле околу заминувањето на Аргентинецот.
Игуаин веќе во наредните неколку дена би требало да замине на позајмица во Челзи, со тоа што англискиот клуб ќе има опција да го откупи неговиот договор од Јувентус по цена од 32,5 милиони фунти + бонуси во зависност од постигнатите голови, успехот на тимот и бројот на настапи на напаѓачот.
Тој подолго време беше мета на Челзи, а клубот инсистираше да го донесе во своите редови поради инсистирање на Маурицио Сари, кој соработуваше со 31-годишниот Аргентинец во Наполи. Овој трансфер веројатно значи дека Алваро Мората ќе го напушти лондонскиот клуб и ќе замине во Шпанија, каде веќе се отворени преговори со Севиља и Атлетико Мадрид.
Од друга страна, Милан останува без напаѓач и ќе биде приморан да побара замена во јануарскиот преоден рок што полека истекува. Засега преговорите со Џенова околу трансферот на Полјакот Криштоф Пјонтек се одвиваат добро и како што пренесуваат италијанските медиуми, останува само да се договорат деталите околу преминувањето на полскиот репрезентативец во Милано.