четврток, 21. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Власта во дилема за можни предвремени избори во Србија, опозицијата најавува бојкот

Власта во дилема за можни предвремени избори во Србија, опозицијата најавува бојкот

По повеќенеделните масовни граѓански протести во повеќе српски градови, се повеќе се актуелизира темата за можни предвремени парламентрани избори во Србија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска уште еднаш го повтори ставот дека ниту ја прифаќа, ниту ја отфрла можноста за предвремени избори.

– Оваа одлука е комплицирана. Ќе одиме со неа пред партискотото Претседателство и Главниот одбор, но ова не е партиска работа. Во врвот на партијата сите се за одржување на избори…. Нашите луѓе покажуваат нетрпеливост, што не е добро. Не ги отфрлам изборите како можност и идеја. Тоа ќе зависи од многу други работи кои се однесуваат на иднината на Србија, изјави Вучиќ за РТС.

Српските медиумите денеска ги објавија резулататите од истражувањето на „Ипсос Стратеџик Маркетинг“, кои покажуваат дека доколку сега би се одржале избори, владејачката Српска напредна партија (СНС) на Вучиќ би освоила 55 отсто од гласови. Ова, според агенцијата, укажува дека масовните граѓански протести не влијаат битно на расположението на гласачите.

Од друга страна, основачот и еден од лидерите на опозицискиот Сојуз за Србија, Драган Ѓилас во интервју за весникот „Данас“ изјави дека на опозицијата „нема да учествува на лажни избори“.

Според него, сите во опозицијата мора да сфатат дека граѓаните на улиците чекаат на нив, да им докажат дека „утре, кога сегашниот режим ќе падне, ќе падне и системот кој се градеше повеќе од десетина години и дека навистина ќе биде поинаку“.

– Сите мораме да се обврзаме дека нема да учествуваме на лажни избори. Мораме заедно, и луѓето, и политичарите, да направиме изборите повторно да бидат избори и со својот потпис да гарантираме дека до исполнување на овие услови, нема да има лажни избори на Вучиќ, на кои никогаш повеќе нема да учествуваме, вели Ѓилас во интревјуто.

Тој додава дека кога ќе се организираат фер и слободни избори, опозицијата преку широка народна изборна листа ќе формира „Влада на експерти на определен рок, која ќе го ресетира системот и ќе воведе ред и правила“,

Ѓилас позитивно одговори на барањата од граѓанските протести до опозицијата за „изградбата и зајакнувањето на институциите, за усвојување закон за потеклото на имотот, за лустрацијата, за независни медиуми, за специјален обвинител за корупција, за декриминализација на општеството и за целосна независност на судството“. Овие барања, според Ѓилас, се нешто што еднаш за секогаш треба да се направи во Србија со цел да се гарантира дека „власта која не е по желба на граѓаните, ќе може да се смени со пенкало“.

Став за можноста за одржување предвремени избори денеска за ТВ Н1 изнесе и потпретседателката на опозициската Народна партија (НС), Санда Рашковиќ Ивиќ, која рече дека со распишување вонредни парламентарни избори актуелната влада сака да „купува време“, додавајќи дека на избори на 31 март или 14 април, датуми кои се споменуваат во некои медиуми, Сојузот за Србија нема да излезе, бидејќи, како што вели опозиицјата „не е толку глупава да оди на кланица под овие услови, бидејќи тоа не се избори“.

Во однос на изборните услови, Рашковиќ Ивиќ нагласи дека првенствено треба да се решат правилата за изборните листи, како и да се обебзеди „ослободување на медиумите“ за да се покренуваат дебати на разни теми.

Таа додаде дека разговарала за можен бојкот на предвремените избори и со колегите од опозициските партии што не се членови на Сојузот за Србија.

– Тие се подготвени за бојкот, но сето тоа зависи од нивните лидери, како ќе се постават околу ова прашање, истакна Рашковиќ Ивиќ.

Аналитичарите во Белград оценуваат дека Вучиќ е во дилема дали вреди да распише избори и на нив да извојува „пирова победа“, бидејќи со бојкот на опозицијата пред меѓународната заедница ќе го загуби легитимитетот, како на Парламентот, така и својот, за решавање на косовскиот проблем, со што би се искомплицирал и европскиот пат на Србија.