петок, 22. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Расте бројот на жени новинари во Франција

Расте бројот на жени новинари во Франција

Во текот на минатата година француската Комисија за издавање на легитимации на професионални новинари издала 16.610 новинарски легитимации на жени, што претставува 47 отсто од вкупниот број издадени прес-карти.

Кога станува збор за бројот на новинари што првпат аплицираат за новинарски легитимации, како што јави дописникот на МИА, процентот на жени меѓу нив изнесува 54 проценти.

Според Комисијата, во исто време, продолува намалувањето на бројот на носителите на новинарски легитимации во Франција, тенденција која трае последниве десет години.

Така, лани биле издадени 35.297 новинарски легитимации. од кои 407 хонорарни, со што бројот на активни новинари се намалил за 0,44 отсто на годишно ниво.

Во исто време, се бележи зголемување на бројот на лица кои првпат аплицираат за новинарски легитимации за шест отсто на 1.788. Ова зголемување е помало отколку претходните две години, кога бројот на лица што првпат аплицираа за прес-карти се зголеми за по 10 проценти.

Инаку, повеќе од половина од професионалните новинари во Франција или 57 проценти работат во Париз и Парискиот Регион.