Пожарникари, авиони, пилоти. Нема што не ни фали за гаснење на пламените јазици кои ги голтаат шумите низ земјава. Во моментов има 700 пожарникари, 200 од нив се во противпожарната единица во Скопје, а само во главната метропола недостасуваат уште толку за да се пополнат капацитетите, анализира „Алфа“.
Ова отвора сомнеж дека на ниво на држава потребни се уште најмалку 500 пожарникари. Уште полоша е состојбата со бројот на пилоти во Дирекцијата за заштита и спасување што управуваат со двата авиони и од воздух гаснат огнени стихии, особено кога теренот до настанатиот пожар е непристапен.
-Во моментов Дирекцијата располага со шестмина пилоти, а во случај кога треба да се гасне пожар, обучени да танкираат и фрлаат вода се само двајца, еден од пилотите смее да лета, но не и да гаси пожари, оти се уште не знае. Останатите не смеат да ги управуваат авионите. Од Дирекцијата за заштита и спасување се правдаат дека прават напори целосно да се обучат четворицата пилоти, објави телевизијата.
Нејасно е како овие идни пилоти ќе ја добијат неоходната подготовка, оти Центарот за обука, институција која што едуцираше, пред сè, пилоти на хеликоптери, оспособени да извршуваат сложени воени мисии, е затворен. Постои опција тие да се пратат во Шпанија, но обуката е скапа.
Во меѓувреме, пожарите не стивнуваат. Дел од нив се локализирани, но во скопско, штипско, охридско, гостиварско и тетовско, а покритичен е пожарот во крушевско.
Пожарите најчесто се предивникани од човечки фактор.
Од МВР велат дека досега има поднесено 8 кривични пријави за подметнување пожар. Поради пожарите на граѓаните им се забранува движење низ шумите, освен во паркот во Гази баба и на Водно. Казните за прекршокот на забраната и прекршување на законите се движат од 1500 до 2000 евра.