Медицинска сестра посвоила девојче кое никој не дошол да го види кога се родило додека тоа лежело на интензивна нега.
45-годишната Лиз Смит отсекогаш сакала да биде мајка, но бидејќи пати од неплодност, таа не била добар кандидат за вонтелесно оплодување. Но, истиот ден кога ги чула овие вести, на својата работа ја запознала штотуку родената Жизел која тежела само 850 грама. Бебето имало цела низа здравствени проблеми бидејќи било родено во 29-тата недела, а неговите родители биле зависници од дрога.
Жизел лежела неколку месеци на интензивна нега каде никој не дошол да ја види. Здравствените работници од болницата во Бостон ѝ посветиле огромно внимание бидејќи нејзините органи не биле формирани како што треба поради дрогата која ја земала нејзината мајка.
Една сестра ѝ предложила на Лиз и нејзиниот сопруг да го земат детето бидејќи му се потребни медицински хранители. Лиз никогаш не размислувала за хранителство, но кога ја запознала Жизел, веднаш се поврзала со неа и почнала редовно да ја посетува и да се грижи за неа.
-Одев кај неа секој ден. Тоа беше мојата награда на крајот од напорниот ден, изјавила Лиз за “CNN”.
Државата станала старател на малата Жизел, но неколку месеци подоцна Лиз поднела барање за хранителство. Родителите на Жизел имале право на надгледувани посети, но тие со текот на времето се намалиле и од хранителство се прешло на идејата за посвојување.
-Тоа беше емотивен ролеркостер. Кога започнавме да се грижиме за неа, целта нѝ беше да ја соединиме со нејзините родители. Сепак, тие ги изгубија сите права минатиот јуни кога беше востановено дека не можат соодветно да ја одгледуваат. Кога го слушнав тоа, бев многу тажна, но и многу среќна. Добив ќерка, но истовремено бев тажна поради нив бидејќи тие губеа, изјавила медицинската сестра за медиумите.
-Да се роди дете е чудо, но да се посвои е судбина. Тоа е она што ги поврзува луѓето, додала таа.
Здравјето на Жизел е сѐ подобро, но таа и понатаму мора да се храни преку туба.
-Одвреме-навреме ќе се сетам на болните моменти, но кога ќе ја погледнам сум пресреќна, не можам да поверувам дека некогаш сум се грижела околу било што. Не можам да ги паметам тешките времиња бидејќи таа ме прави толку среќна, заклучила Лиз.