Употребата на мобилен телефон додека возачот управува моторно возило, станува причина број еден за одвлекување на вниманието кај возачите. Иако е јасно дека мобилниот телефон ја подобруваа деловната комуникација и придонесува за зголемување на личната удобност и за остварување на секојдневните потреби на луѓето, сепак употребата на мобилниот телефон за време на возењето, станува загрижувачка кога е во прашање безбедноста во сообраќајот.
Истражувањата направени од реномирани меѓународни организации покажуваат дека одвлеченото внимание на возачот е причина за 20 до 25% од сите сообраќајни незгоди. Причините за одвлеченото внимание кај возачите, како ризик-фактор кој ја загрозува безбедноста на сообраќајот на патиштата, константно прогресираат со развојот на технологијата и со зголемување на нејзината достапност и можност за употреба во моторните возила. Согласно тоа, во наредните години, се очекува проблемот со управување моторно возило под одвлечено внимание дополнитрелно да се влошува.
Употребата на мобилен телефон додека возачот управува моторно возило е спротивно на одредбите на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и според истиот закон оваа појава се санкционира со 40 евра во денарска противвредност или со 25 негативни бода во возачката книшка.
И покрај тоа, голем број возачи користат мобилен телефон додека управуваат со возилото и на тој начин го прекршуваат Законот и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот. Имајќи ја во предвид оваа состојба, РСБСП направи кратка анализа на истражувањата кои ги прават реномирани меѓународни организации, а кои се однесуваат на користењето мобилни телефони при возење и истите јасно укажуваат за сериозноста на проблемот со користење мобилни телефони при возење.
Истражувањата на светско ниво, според изјавите на испитаниците, покажуваат дека 45% од возачите го користат мобилниот телефон додека возат. Според истражувањата направени во САД, се проценува дека во секој момент во текот на денот, 6% од возачите користат мобилен телефон додека возат, а според истражувањата на РСБСП, во Република Македонија 63% од возачите користеле мобилен телефон додека возат.
Најризична група учесници во сообраќајот се младите возачи (до 25 години) и возачите почетници. Од 18 до 30 % од сите жртви во сообраќајот се млади возачи, иако статистички овој процент опфаќа меѓу 9 и 13% од населението. И покрај тоа, студиите за користење мобилен телефон за време на возењето, покажуваат дека младите возачи се група со висок ризик на однесување во сообраќајот, најподложна на одвлечено внимание предизвикано од мобилен телефон поради нивното интензивно користење.
Младите возачи до 30 години, двапати повеќе користат мобилен телефон додека возат од возачите на возраст над 30 години.
Негативните ефекти од употребата на мобилниот телефон се скоро исти и кај помладите и кај повозрасните возачи. Кај помладите возачи, проблем е да го прилагодат возењето со новата активност – разговор на мобилен бидејќи немаат искуство во возење, а на повозрасните возачи, проблем им е да го прилагодат возењето со разговорот на мобилниот телефон бидејќи послабо слушаат и/или послабо гледаат.
Според други истражувања, пишувањето пораки додека управува моторното возило, ја намалува реакцијата на возачот за запирање на возилото за 18%, а ја зголемува опасноста за предизвикување сообраќајна незгода за 6 пати. Пишување порака додека возите е еднакво на возење со затворени очи цели 6 секунди за кои возило со брзина од 60 км/ч поминува 100 метри.
Истражувањата, исто така покажуваат дека, возачите кои возат на отворен пат надвор од населено место, помалку користат мобилен телефон. Тоа се должи на поголемата брзина со која се управува возилото, но за разлика од тоа, сѐ поголем број возачи користат мобилни телефони во населено место. Намалената брзина со која се одвива сообраќајот и честите застои во сообраќајот во населените места, ги охрабрува возачите да го користат телефонот почесто, отколку кога возат надвор од населено место.
РСБСП потенцира дека, користењето мобилен телефон додека возачите управуваат моторно возило е подеднакво опасно, како во населено место, така и надвор од населено место. Статистиката покажува дека сѐ поголем број сообраќајни незгоди се случуваат во населено место, а голем број од нив се предизвикани од употреба на мобилен телефон. Во ваквите сообраќајни незгоди најчесто страдаат пешаците и велосипедистите.
Имајќи ги во предвид наведените факти РСБСП апелира до возачите да бидат посветени и внимателни во сообраќајот, да се фокусираат на патот и на случувањата во сообраќајот и да не користат мобилен телефон додека управуваат моторно возило.