Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски денес во Вила Водно со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, кој престојува во официјална дводневна посета на нашата земја.
Посетата на црногорскиот претседател е воедно и прва официјална посета на странски претседател на Македонија во мандатот на Пендаровски.
-Во фокусот на разговорите на двајцата претседатели се пријателските односи меѓу Македонија и Црна Гора, кои споделуваат заедничко минато и се стремат кон заедничка иднина преку интегрирањето во евро-атлантските институции. Покрај тет-а-тет средбата меѓу претседателот Пендаровски и претседателот Ѓукановиќ, предвиден е и пленарен состанок меѓу македонската и црногорската официјална делегација, како и прес конференција на двајцата претседатели, информираат од кабинетот на Пендаровски.